Протестите во Турција поради палењето на Куранот на саботните демонстрации пред турската амбасада во Стокхолм денеска продолжија во Истанбул, Анкара и некои други делови на Турција.
Околу 250 демонстранти со зелени знамиња се собраа на протестот пред шведскиот конзулат во Истанбул, а беше забележан и транспарент со натпис: „Ја осудуваме исламофобијата поддржана од шведската држава“.

Демонстрантите запалија фотографија од данско-шведскиот политичар Размус Палудан, кој запали копија од Куранот во Шведска, пренесува АП.

Вработените во шведскиот конзулат закачија натпис на прозорецот на конзулатот: „Не ги поддржуваме ставовите на тој што пали книги“. Демонстранти се собраа и пред шведската амбасада во Анкара, како и во југоисточната турска провинција Саниурфа, а се очекува вечерва да има уште слични протести низ цела Турција.

Турските власти остро ја критикуваа Шведска дека дозволила да се одржи демонстрација со палење на Куранот во Стокхолм, но турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган засега одби да коментира.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон вчера на Твитер ја нагласи важноста на слободата на изразување во демократијата, но нагласи дека „она што е легално не е секогаш соодветно“. Кристерсон го осуди палењето книги „кои се свети за многумина“ и таквиот чин го нарече „чин на длабоко непочитување“.

(Vijesti.ba)