Цврстиот француски синдикат CGT се закани дека ќе ја прекине струјата на пратениците и милијардерите пред националниот штрајк во четврток, во се поогорчена пресметка поради планот на владата да ја зголеми старосната граница за пензионирање.
Предложениот нацрт, објавен минатата недела, ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, покажуваат анкетите, додека огромното мнозинство работници веќе се соочуваат со криза на трошоците за живот.
Вработените во секторите како транспортот, образованието и енергетиката низ Франција ќе штрајкуваат во четврток, а се очекуваат големи протестни маршеви во Париз и во другите градови.
Индустриската акција се гледа како тест за тоа дали синдикатите, кои се мачеа во последниве години да ги убедат луѓето да штрајкуваат, може да го трансформираат тој гнев во масовен социјален протест.
– Предлагам да одат да ги видат прекрасните имоти, прекрасните замоци на милијардерите – изјави во средата за телевизијата Франс 2 Филип Мартинез, лидерот на CGT, вториот по големина француски синдикат.
– Добро би било да им ја исклучиме струјата за да можат неколку дена да се стават во кожата на Французите кои не можат да си дозволат да ја платат сметката – рече тој.
Во последниве денови, Себастиен Менесплие, од огранокот за енергија и рудници на тврдокорниот CGT, исто така се закани со прекини на струја, насочени кон канцелариите на пратениците, ја цитираа неговата изјава локалните медиуми.
Владиниот портпарол Оливие Веран рече дека заканите за прекини на струја се „неприфатливи“. Јавниот превоз ќе биде најмногу погоден во четврток, бидејќи повеќето возови и некои летови се откажани, а метрото во Париз е во голема мера во прекин. На утрешните протести ќе бидат ангажирани над 10.000 полицајци.










