Најмалку тројца вооружени напаѓачи се убиени во едночасовната безбедносна операција по нападот на хотелот во Кабул, главниот град на Авганистан, објавија официјални лица и локални медиуми, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Безбедносната операција кулминираше со убиството на сите тројца напаѓачи“, изјави Забихула Муџахид, портпарол на привремената администрација во Авганистан.

Повредени се и двајца странски државјани, чиј идентитет и националност не се откриени, а кои скокнале од покривот во обид да си го спасат животот.

„Сите гости кои се сместени во хотелот се безбедни. Двајца странски гости се повредени откако скокнале од покривот“, изјави Муџахид.

Според очевидци, нападот бил извршен врз кинески хотел во луксузниот кварт Шахар-е-Нау во градот.

Се дознава дека напаѓачите влегле во хотелот и почнале да пукаат по случаен избор.

Ниту една група досега не презеде одговорност за нападот, но терористичката организација ДЕАШ долго време беше вклучена во серија терористички напади и бомбардирања низ Авганистан разурнат од војна, особено откако талибанците се вратија на власт во август минатата година.