Руските пасоши издадени на украинските територии анектирани од Русија и во проруските сепаратистички области во Грузија повеќе нема да бидат признаени во Европската унија, според договорот постигнат денеска меѓу Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ.

Затоа, имателите на овие документи не можат да добијат виза или да влезат во Шенген зоната. „Таа одлука е одговор на неоправданата воена агресија на Русија против Украина и на доследната практика на издавање руски меѓународни пасоши на жителите на окупираните територии“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Во септември, рускиот претседател Владимир Путин најави анексија на украинските региони Доњецк и Луганск на исток и Запорожје и Херсон на југ, во едностран потег што беше отфрлен од поголемиот дел од меѓународната заедница. Москва го анектира и полуостровот Крим во 2014 година. Европската одлука се однесува и на пасошите издадени во проруските сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија во Грузија, чија независност беше еднострано признаена од Москва. Советот на ЕУ наведува дека документите од тие региони веќе се отфрлаат или се на пат да бидат отфрлени во земјите членки, додавајќи дека целта на оваа одлука е да се обезбеди усогласен пристап во Унијата. Договорот постигнат на предлог на Европската комисија допрва треба да биде формално усвоен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

(Vijesti.ba / BHRT)