Американскиот весник „Њујорк тајмс“ пишува дека во Киев почнале подготовките за „целосна евакуација“ на жителите на украинската престолнина. „Официјални лица во главниот град на Украина велат дека почнале да планираат некогаш незамислива можност: целосно затемнување што ќе бара евакуација на три милиони жители на градот“, тврди весникот.
Во обид да спречи целосно затемнување, украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ во саботата објави дека ќе продолжи со прекин на електричната енергија во седум региони, пишува весникот. Според весникот, ситуацијата во главниот град на Украина е тешка, а градската управа гради топлински пунктови низ градот, пред се во образовните институции кои можат да се користат и како бункери.
„Можеме да го изгубиме нашиот систем за снабдување со електрична енергија“, изјави за New York Times Роман Ткачук, директор на одделот за безбедност на градската управа во Киев.
Според весникот, властите во Киев ќе бидат известени 12 часа пред системот да престане да работи. Ткачук наведува дека ако тоа се случи, градските власти „ќе почнат да ги известуваат луѓето и да бараат од нив да си заминат“.









