Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
Во соопштението на турската управа за комуникации, се наведува дека се разговарало за последните случувања во руско-украинската војна. Ердоган изрази задоволство од успешната размена на затвореници меѓу двете земји, што следеше по долги напори. Задоволен е и од начинот на кој се спроведува Истанбулскиот договор, што е постигнато со придонесот на Обединетите нации (ОН).
Ердоган рече дека во заеднички интерес е да се продолжи механизмот чиј мандат ќе истече во ноември и да се работи на прашањето за континуиран извоз на руски ѓубрива и житни производи.
Турскиот претседател посочи дека се потребни чекори за намалување на тензиите за да се постигнат попозитивни резултати и дека очекува Русија да преземе чекори кога станува збор за приклучување на одредени региони во Украина кон Русија. Ердоган го повика Путин да им даде нова шанса на разговорите, повторувајќи ја подготвеноста на Турција да помогне да се стави крај на војната.









