Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот ја нарече „логична“ иницијативата на Европскиот парламент за прекин на пристапните преговори со Србија додека таа не воведе санкции кон Русија, повторувајќи дека во сегашните околности не е можно „да се седи на две столчиња“.
Радио Слободна Европа во средата објави увид во документот на Европскиот парламент со кој ќе се бара од Европската унија да ги прекине преговорите со Србија додека не воведе санкции кон Русија.
Пратениците за тоа треба да расправаат на Комитетот за надворешна политика на ЕП кон средината на следниот месец, а конечното гласање се очекува во ноември, пишува Хина. Во четвртокот, на прес-конференција со комесарката за кохезија и реформи на Европската комисија, Елиса Фереира, Пленковиќ рече дека ЕП „почна логична иницијатива“.
Во ваква глобална криза, во која може точно и јасно да се разликува доброто и злото, не може да се седи на две столчиња“, рече премиерот. Пленковиќ повтори дека „не може да се стремиме кон членство во ЕУ и да споделуваме вредности“ без „истовремено јасно да стоиме зад пакетот санкции“ против Русија поради инвазијата на Украина, во околности на „лажни, оркестрирани“ референдуми и најави за анексија на украинска територија.
Заедно со Белорусија, сојузникот на Русија во нападот на Украина, Србија останува единствената европска земја која не воведе санкции кон Русија, дури и откако тоа го направија некогашните традиционални сојузници на Москва, како Казахстан.
