Жестоките борби со руските сили продолжуваат во градот Северодонецк во источниот регион Луганск во Украина, изјави украинскиот претседател, Владимир Зелекснки, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Клучната тактичка цел на окупаторите не е променета. Тие (руската Армија) притискаат во Северодонецк, каде што се водат многу жестоки борби – буквално за секој метар“, рече Зеленски во своето видеообраќање на 109-тиот ден од војната на Русија против Украина.
Тој додаде дека руските сили притискаат и во правец на Лисичанск, Бахмут и Славјанск, меѓу другите.
„Руската Армија се обидува да распореди резервни сили во Донбас. Но, какви резерви можат да имаат сега? Се чини дека тие ќе се обидат да ги фрлат во битка слабо обучените регрути и оние кои беа собрани со тајна мобилизација. Руските генерали на својот народ гледаат едноставно како на топовско месо кое им е потребно за да добијат предност во бројка – во работна сила, во воена опрема“, истакна тој.
Зеленски нагласи дека ако руските сили продолжат да се распоредуваат во Украина, Русија „може да ја премине линијата од 40.000 изгубени војници веќе во јуни“.
„Во ниту една друга војна во многу децении тие не изгубиле толку многу“, додаде тој.
Зеленски, исто така, потсети на повикот на неговата земја за модерни системи за ракетна одбрана.
„Снабдувањето со вакви системи беше можно годинава, лани, па и порано. Дали ги добивме? Не. Дали ни се потребни? Да. На ова прашање веќе има 2.606 потврдни одговори во форма на разни руски крстосувачки ракети што ги погодија украинските градови, нашите градови, нашите села за периодот од 24 февруари“, истакна украинскиот претседател.
„Ова се животи кои можеа да се спасат, тоа се трагедии кои можеа да се спречат доколку се слушаше Украина“, рече тој.
Украинскиот лидер истакна дека со ЕУ работат секој ден на кандидатскиот статус на Украина и дека Киев направил сè за позитивен одговор.
„Единствено прашање е одлучноста на некои европски лидери“, нагласи Зеленски
Над 4.300 цивили се убиени во Украина, вклучувајќи најмалку 1.098 жени и 102 девојчиња, додека над 14 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови, вклучително и повеќе од 7,3 милиони кои побегнале во други земји, откако Русија започна војна против нејзиниот сосед на 24 февруари, според бројките на ОН.
Според УНИЦЕФ, во војната секој ден гинат по две деца. На околу 15,7 милиони луѓе во земјата им е потребна хуманитарна помош.










