Од утре лебот, брашното, шеќерот, маслото, млекото, ќе се продаваат со ДДВ од 5 проценти, како што беше и пред антикризните мерки на Владата со кои ддв-то беше намелаено на нула отсто. Укинувањето на овие мерки предизвикаа страв кај граѓаните од нови поскапувања на производите кои се сè поизвесни

Со пензија од 11 000 денари и болен сопруг за кого одвојувам повеќе од 6000 денари за лекови, не можам ни да ви објаснам колку тешко преживувам, раскажува пензионерката Мара Петрова од Скопје. Ја сретнавме пред месарницата во близина на зеленото пазарче за која вели дека се поретко ја посетува.

„Со што да купам месо? Немам со што. Еве вака, си купувам коски од 100 денари и ќе купам гравче, па ќе го јадеме после четири дена. Ете така живееме“, вели пензионерката Петрова.

Поскапувањата на цените на прехранбените производи, но и на сметката за струја се голем удар за неа и за уште многу семејства кои спаѓаат во групата на најранливи категории граѓани. Петрова е свесна дека зголемувањето на цените нема да престане, но залихи не прави.

„Со што да купам залихи да направам. Купувам само килограм по килограм. И тоа со лажица мерам, верувајте ми. Не уништија веќе“, вели пензионерката.
Некои од граѓаните велат дека се навикнати да живеат поскромно.
Јас сум пензионер. Цел живот работев во ОХИС, а таму знаете како со платите-постојано доцнеа, па некако се навикнав да живеам постегнато. Само она што е неопходно ќе се земе, вели Боце од Скопје.

На нашата прошетка во центарот на Скопје, сретнавме и такви кои велат дека поскапувањата не смениле многу во нивниот начин на живот.

„Издржуваме. Пензијата ми стигнува. Залихи не правам, за 3,5 денари поскапо немам потреба да правам резерви. Купувам, само тоа што ми треба и кога ми треба“…

Повеќе на РСЕ