Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека Австрија нема планови да се приклучи на НАТО. – Имаме сосема поинаква географска ситуација – изјави Шаленберг по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, додавајќи дека тие имаат сосема поинаква историја, и оти смета дека тоа мора да се земе предвид. Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека Австрија е политички неутрална.
– Неутралност не постои во случај на воена агресија – рече тој. Шефот на австриската дипломатија истакна дека тие јасно го зазеле својот став. – Ги поддржуваме сите санкции и правиме се што можеме да дадеме поддршка – рече тој, пренесува ДПА. Тој најави планови за зголемување на инвестициите во безбедноста и рече дека е важно да се разбере дека „светот не е толку пријателски како што ние би сакале да биде“. Шаленберг заклучи дека има држави подготвени да користат воени сили за остварување на нивните интереси.
Да потсетиме, Шведска и Финска најавија дека ќе аплицираат за членство во НАТО за неколку дена, а на тоа беа поттикнати со промената на геополитичката клима во Европа по почетокот на рускиот напад врз Украина кон крајот на февруари, пишува Nacional.hr. .










