Шри Ланка има резерви на гориво уште за еден ден

by Administrator

Новиот премиер на Шри Ланка Ранил Викремесинг изјави дека земјата има гориво само уште еден ден бидејќи се соочува со најголемата економска криза во повеќе од 70 години. Во телевизиско обраќање, премиерот Ранил Викремесинг изјавил дека на нацијата итно ѝ се потребни 75 милиони долари во странска валута во следните неколку дена за да плати за увоз на основна храна.

Тој изјавил дека Централната банка ќе мора да печати пари за да ги исплати државните плати. Викремесинг, исто така, рекол дека државната авиокомпанија Шри Ланка ерлајнс може да се приватизира. Економијата на островската држава е тешко погодена од пандемија, зголемување на цените на енергијата и популистички даночни намалувања. Хроничниот недостиг на девизи и зголемената инфлација доведоа до сериозен недостиг на лекови, гориво и други основни потреби.

Во градот Коломбо во редици на бензинските пумпи чекаат рикши, најпопуларните превозни средства и други возила. – Во моментов имаме залихи на бензин само за еден ден. Следните неколку месеци ќе ни бидат најтешките во животот – изјави Викремесинг, кој во четвртокот беше назначен за премиер, пренесува Би-Би-Си. Сепак, испораките на бензин и дизел преку кредитна линија со Индија би можеле да обезбедат снабдување со гориво во следните неколку дена, додал тој.

You may also like