Плажите на Охридското Езеро кои најчесто се посетени во летната сезона се загадени со високи нивоа на бактерии од човечки и животински измет и урина, според Хидробиолошкиот завод во Охрид. Фекалии и отпад се влеваат во езерото од канализации, септички јами, полски клозети, фарми и депонии.

Иако живеат на самиот брег на Охридското Езеро, жителите од населбата Грашница патуваат по неколку километри кога сакаат да уживаат на плажа.

Сината боја на езерото таму често добива нијанси на сиво и кафено, заматена од отпадните води испуштени низ цевките за канализација кои завршуваат на самиот брег. Неизбежен е и мирисот на фекалии создаден од исфрлените бактерии во човековото дебело црево кои помагаат во разградувањето на храната.

Цевка од канализација кај населбата Грашница која се излева во водите на Охридското Езеро.

Анализите покажуваат дека на плажите на најсторото природно езеро во Европа се влеваат бактерии од човечки и животински измет и урина од отпадните води кои истекуваат од канализациите и септичките јами, како и од сточните фарми и пасиштата.

Кај Грашница се случува да растат домати, пипер и лубеници од семки од човечки измет коишто низ канализацијата стигнале во езерото, а потоа езерските бранови ги вратиле назад на плажите по што никнал зеленчук, според сведочењето на жителите.

Високо ниво на фекално загадување исто така има и на другите плажи кои најчесто се посетени од туристи, како Трпејца, Куба Либре, Лабино, Мизо, Струга и Елен Камен. Освен фекално, на овие плажи има и органско загадување категоризирано како умерено од втора класа.

Повеќе на РСЕ