Имотот и сметките во банка на десетте најбогати градоначалници во земјава тежат најмалку 20 милиони евра покажуваат податоците на Антикорупциската комисија. Но, некои не го испочитувале законот до крај и во анкетните листови не го навеле имотот на своите партнери, родители и деца.
Најбогатиот градоначалник во земјава тежи речиси 11 милиони евра. Станува збор за староновиот градоначалник на општина Кавадарци Митко Јанчев чии имот тежи 10, 6 милиони евра, плус од банка подигнал кредит од 1,5 милиони евра, покажува анкетниот лист што тој го доставил до Антикорупциската комисија по реизборот за функцијата. Вториот мандат го почнал со 150 илјади евра повеќе од претходниот кога на градоначалничкото столче седнал со салдо од 10 милиони и 465 илјади евра.
Јанчев на функција како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дојде од бизнис секторот, како сопственик и управител на„ Кожувчанка“. Од бизнис секторот доаѓа и градоначалникот на ДУИ Алија Јаоски, син на поранешниот долгогодишен градоначалник Исмаил Јаоски кој сега е пратеник на ДУИ. Нивното семејство е сопственик на нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Но, во нивните анкетни листови не е наведен имотот на компанијата, чија што добивка во 2020 година изнесува 2,7 милиони евра, според клубот 200 на најуспешни компании.
Алија Јаоски во својот имотен лист навел дека е сопственик на фирма со влог од 5 илјади евра, има стан во Скопје и куќа во Пласница, и дека наследил градежно земјиште од 1770 метри квадратни во родната општина.
На пример Јанчев во имотниот лист навел дека му должат 89 илјади евра, додека неговиот колега од Струга, градоначалникот од ДУИ Рамиз Мерко пријавил дека му должат 73 илјади евра.
Нивниот колега од Тетово, лидерот на БЕСА Биљал Касами од личен имот навел само побарување по основ на заем во вредност од 45 илјади евра. Неговиот анкетен лист достапен за јавноста е од времето кога беше пратеник. На веб страната на ДКСК го нема неговиот нов анкетен лист по добивањето на новата функција. Во стариот анкетен лист напишал дека неговите родители се сопственици на куќа од 500 метри квадратни во Тетово, и три плаца во тетовскиот крај. Неговата сопруга е сопственик на земјиште од 3,5 илјади метри квадратни во Боговиње и златен накит вреден 20 илјади евра.
Повеќе на:РСЕ









