Зголемените цени на струјата, горивата, прехранбените производи предизвикаа низа други поскапувања. Рестораните направија корекција на своите мениа, фризерите ги променија цените на своите услуги, а дури и црквите го сменија тарифникот за верски обреди. Владата презема мерки но граѓаните и натаму се жалат.
Во земјава поскапува сè. Прво ни се случи енергетска криза. Струја има, но сметките се астрономски. Следуваа зголемени цени на енергенсите, а цените на горивата се менуваат преку ноќ.
Поскапеа и основните прехранбени производи. Па така килограм брашно чини од 30 до 41 денар, маслото за јадење е до 95 денари, а достигна цена и над 100 денари пред кризните мерки. Цената на шеќерот е околу 40 денари, а табла со десет јајца чини од 77 до 90 денари.
Ако пак, сакате да имате нова фризура бидете подготвени и на нови цени. Фризерските услуги се поскапени за 50 тина денари во просек.
Многу повеќе пари ќе ви требаат, ако планирате венчавка, крштевка, некој верски обред. Во Преспанско-пелагонискиот регион на пример, некои црковни обреди сега се поскапени и за 500 денари. Па така за венчавка црквата наплаќа 7.700 денари, а крштевката е 3800 денари. Погреб ќе ве чини од 3000 до 5000 денари, во зависност од бројот на свештеници.
Но, што може да се купи со минимална плата од 18 000 денари или просечна од околу 30.000 денари? Ако ги платите сметките за режиските трошоци од околу 7500 денари,
Од минималната плата остануваат уште 10 500, а потрошувачката кошничка за едно семејство изнесува 36 146 денари.
Предвидувањата на експертите не се оптимистички ни за наредниот период, а според граѓаните, анти-кризните мерки на владата не се доволни, за спас од сиромаштија на најзагрозените.
„Тешко се издржува со македонските плати. Едвај го поминуваме месецот, еве јас нон стоп сум задолжен во продавницата од каде што купувам јадење“, вели Митко Петров од Скопје.
„Ако претходно сметките ми биле 6000 денари сега ми се поскапени за 20 проценти. Поскапени се лебот, млекото и други продукти. А платата не ми е зголемена, иста ми е. И нормално дека сум незадоволна, не можам да се навикнам на таа состојба“, вели Ивана М. од Скопје.
Повеќе на :РСЕ









