Во време на глобални промени, подготвени сме да се приспособуваме, но не сме подготвени и не сакаме да ги менуваме нашите стратешки цели, затоа отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е наш најголем приоритет, порача вчера заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, од дебатата „Регионална соработка за европска интеграција“ организирана во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“ во Тирана.

„Никој не помислуваше дека денес ќе треба да дебатираме за ‘перспективите за интеграција во ЕУ на Западен Балкан во време на кризи’. За жал, сведоци сме на конфликти на тлото на Европа, со последици и за Европската Унија, но и за нас, земјите од регионот. Затоа е важно да се заврши обединувањето на континентот, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани“, рече Маричиќ.

Тој вчера се сретна со заменик претседателот на албанската влада, Арбен Ахметај, министерката за надворешни работи Олта Џачка и со главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Зеф Мази. На средбите уште еднаш бил потврден ставот дека двете држави не се откажуваат од ЕУ и покрај предолгото чекање.

„Двете пријателски земји имаме заеднички пат кон членство во европското семејство, пат на кој покажавме зрелост и за регионално интегрирање и соработка која се потврдува низ активностите преземени со иницијативата Отворен Балкан. Време е да се валоризира она што досега го постигнавме во делот на реформите, и на Северна Македонија и Албанија да им се даде датум за отпочнување на преговорите со Унијата“, потенцирал Маричиќ на средбите со Ахметај и Џачка.

Тој во Тирана се сретна и со новиот германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој ја пренел пораката дека Сојузна Република Германија продолжува да ги поддржува земјите од Западен Балкан во напорите да станат членки на ЕУ, што е особено важно за регионот во време кога се соочува со предизвици.

Повеќе на:dw.de