Израелскиот претседател Исак Херцог рече дека неговата земја и Турција можат и треба да соработуваат, што според него ќе има значително влијание врз целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA). Херцог денеска во рамките на дводневната официјална посета пристигна во Анкара, главниот град на Турција, а првиот ден се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во своето обраќање пред новинарите по средбата на двајцата лидери, Херцог ја истакна важноста на соработката меѓу Израел и Турција. „Нашата цел е да ги поставиме основите за развој на пријателски односи меѓу нашите држави и народи“, рече израелскиот претседател, додавајќи: „Израел и Турција можат и треба да соработуваат, што значително би влијаело на овој регион, кој сите ние го нарекуваме дом. Израелскиот претседател Херцог, исто така, најави дека министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу ќе го посети Израел следниот месец. Израелскиот претседател Исак Херцог денеска пристигна во Турција и ја започна дводневната официјална посета на Анкара.
Со тоа тој стана првиот израелски претседател кој официјално ја посети Турција од 2008 година. Вечерва беше најавено дека во Претседателската палата во Анкара ќе се одржи гала вечера, по што израелскиот претседател ќе отпатува за Истанбул. Херцог утре во Истанбул ќе се сретне со претставници на еврејската заедница во градот на Босфорот. Билатералните односи меѓу Турција и Израел беа нарушени во декември 2017 година со одлуката на поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот американски претседател Доналд Трамп да го прогласат Ерусалим за главен град на Израел. Потоа, САД ја преместија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а израелските сили убиле најмалку 60 Палестинци во интервенцијата на протестите. По овие настани и немири на границата со Газа, Турција и Израел ги повлекоа своите амбасадори и ги намалија дипломатските односи на ниво на вршител на работи.
Во Израел на 23 март минатата година се одржаа предвремени парламентарни избори, а на 13 јуни 2021 година беше формирана коалициската влада на премиерот Нафтали Бенет. Така заврши 12-годишниот мандат на поранешниот израелски премиер Нетанјаху. Турскиот претседател Ердоган ги започна разговорите со новиот израелски претседател Херцог во јули минатата година и ги направи првите чекори кон нормализирање на билатералните односи.









