Ердоган: Нашата заедничка цел со Израел е повторно да го оживееме политичкиот дијалог

by Administrator

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска во Анкара се сретна со својот израелски колега Исак Херцог, порача дека станува збор за историска посета за која верува дека е пресвртница во односите меѓу Турција и Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).

Израелскиот претседател Херцог денеска пристигна во дводневна официјална посета на Анкара, а во претседателскиот комплекс Бештепе беше пречекан со највисоки државни почести од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган на заедничката прес-конференција по состанокот ја опиша посетата на Херцог како историска и порача дека верува дека „оваа посета е пресвртница во односите на Турција и Израел“.

„Нашата заедничка цел со Израел е да го оживееме политичкиот дијалог меѓу нашите земји кој се темели на заеднички интереси и меѓусебно почитување на чувствителните прашања“, рече Ердоган и додаде:

„Во наши раце е да придонесеме за повторно воспоставување на културата на мирот, спокојството и соживотот во нашиот регион.“

Ердоган рече дека развојот и зајакнувањето на турско-израелските односи се важни за двете земји, но нагласи дека се и од голема важност за регионалната стабилност и мир.

Турскиот претседател пренесе дека за време на состанокот го истакнал значењето што Турција го придава за намалување на тензиите во регионот и за зачувување на визијата за дводржавно решение во израелско-палестинските односи.

„(За време на средбата со Херцог) Ја нагласив важноста која ја придаваме на историскиот статус на Ал-Кудс (Ерусалим) и на зачувувањето на верскиот идентитет и светоста на џамијата Ал Акса“, порача Ердоган.

Претседателот Ердоган, исто така, додаде дека верува дека наредниот период ќе донесе нови можности за регионална соработка во билатералните односи.

You may also like