Дали вклучување на претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во работните групи за преговори со Бугарија, може да ја зголеми довербата во тој процес? Прашањето дополнително се актуелизира по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, и предлог-декларацијата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со која бараат да се афирмира заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер, предлог кој владејачкиот СДСМ го одби. Од Владата сметаат дека прашањето за идентитетските црвени линии е затворено, потсетувајќи дека Собранието веќе усвоило резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија.

„Гоце Делчев воопшто не е предмет на преговори и Владата смета дека е непотребно донесување ваква декларација”, изјавија од Владата за МИА.

Оттаму наведуваат дека е отворена поканата до опозицијата да се вклучи на конструктивен начин во процесите кои се од врвен интерес за евроинтеграциската иднина на Северна Македонија.

„Сметаме дека вистинскиот пат кон решение на отворените прашања е преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи“, велат од Владата.

Што значи отворена покана до опозицијата? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека досега не добиле сериозна понуда за вклучување во преговорите со Бугарија, а тој е подготвен да разговара за секое прашање, но само ако постои заедничка согласност за зачувување на македонските идентитетски линии.

Венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев положени при одбележувањето на 150-годишнината од неговото раѓањеВенци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев положени при одбележувањето на 150-годишнината од неговото раѓање

„Досега немало сериозна понуда од власта за вклучување на опозицијата во преговорите со Бугарија. Ниту пак Владата најде за потребно да информира за содржината на разговорите. Дополнително главните информации се добиваат од медиумите што говори за две работи, или несериозно се пристапува кон вака еден сериозен процес, или владата крие нешто од јавноста што е штетно за државата. Содржината на разговорите и одговорите на прашалникот ‘пет плус еден’ од неразбирливи причини е тајна, а нашите информации говорат дека со него сериозно се нарушува идентитетската линија која мора да се сочува. Дополнително, Владата како да се плаши од Делчев и на тој неразбирлив начин сака да се додвори на источниот сосед, на сопствена штета. Јас сум подготвен да разговарам за секое прашање, но само доколку сите заеднички се согласиме дека мора да ги зачуваме нашите идентитетски линии и стратешки интереси“, изјави Мицкоски за ДВ.

Повеќе на: DW.de