Сите говорат за нив, ама тие никако да се состанат. Цел јануари помина во константации дека работни групи треба да разговараат за промени во Изборниот законик. „Треба“, „наскоро“, „ќе отвориме расправа“, се само дел од повторуваните рефрени што го трошат трпението на помалите партии, кои бараат да се промени бројката на изборни единици од шест во една, со пропорционален модел и без изборен праг. Особено, што таков нивен предлог цела година чмае во парламентот. Беше ставен на дневен ред на седницата закажана за 18 -ти мај лани, но расправа до денес не е започната.
Помалите партии минатиот месец најавија дека очекуваат расправата за измените на Изборниот законик да започне до крајот на јануари, а со оглед дека ништо од тоа досега не се реализираше, стравуваат дека и февруари ќе помине во јалови најави.
Дебата пред камери
„Предлогот за промена на изборните правила е во парламентарна постапка од март 2021 година, со кој се предлага С. Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален модел и без изборен праг“, потсетува лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов.
Иако предлогот тогаш јавно го поддржал и СДСМ, според Трајанов, ставот бил сосема поинаков.
„СДСМ со повеќе изјави го подржа предлогот С. Македонија да биде една изборна единица, вклучително и со јавно искажан став на Зоран Заев, но во исто време Владата предводена од Заев до парламентот достави негативно мислење по Предлог законот за измена и дополнување на Изборниот законик. Тоа ја покажува неконзистентноста на јавно искажаните ставови и нивната вистинска определба. Сега се соочуваме со идентична состојба. СДСМ подржува С. Македонија да биде една изборна единица, но бара да се формираат работни групи, да има консензус, па да расправаме до 2024 година“, вели Трајанов за ДВ.
Запрашан, дали е проблем да се разговара за тоа, па ако треба и една година но со цел да се стигне до добро решение, Трајанов вели дека тоа не е проблем, но редно е процесот еднаш да почне.
„Еве, уште еднаш апелирам – нека започне расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, после тоа ќе организираме јавна расправа, на која ќе ги поканиме сите парламентарни и вонпарламентарни партии, ОБСЕ/ОДИХР, експертите, невладините организации и медиумите, и ќе ги соочиме аргументите. Расправата треба да се одвива во домот на демократијата и пред камерите, а не помеѓу лидерите на четирите партии, кои за нив договараат системски предности – да имат 90% од медиумскиот простор, финансии за реклама и слично. Една изборна единица и бришењето на системските предности ќе ја демократизираат Македонија, ќе се демонтира монополската положба на четири партии и ќе зајакне одговорноста во државата“, вели лидерот на ДС.
Повеќе на: DW.de









