Работничка која две недели била на боледување зела само 7 илјади денари плата, велат во здружението „Гласен текстилец“. Тие посочуваат дека дел од сопствениците на фирми не им ги признаваат боледувањата на вработените, па тие и заразени одат на работа.

Опоравувањето на економијата оди тешко, оти дел од работниците не одат на работа поради зараза или контакт со коронавирусот, производството е поскапено бидејќи се покачени цените на енергенсите, поскапена е храната и има раст на инфлацијата, велат за РСЕ работодавачи и здруженија кои се занимаваат со работнички права.

Европската економија забави во последниот квартал од минатата година, па се очекува тоа да се одрази и на Македонија, со оглед на тоа што скоро 80 отсто од трговската размена на земјава е со земјите од ЕУ.

Кристина Ампева од здружението за работнички права „Гласен текстилец“, кое ги следи состојбите во текстилната индустрија во Источна Македонија, вели дека работници одат на работа и болни, оти газдите многу им кратат од платата ако се на боледување.

„Има огромен дел на фирми кои не ги прифаќаат боледувањата од матичните лекари, ниту боледувањата се плаќаат онака како што треба. Моментално сега имаме пријави од работници од крајниот Источен регион каде работници се жалат дека поради тоа што две недели биле на боледување, платата им е 7000 денари. Последниот случај од сабајле ни е за работничка која е пријавена на минимална плата од 15.200, а работничката била на боледување две недели од корона и платата сега и е 7000 денари“, вели Ампева од Гласен текстилец.

Таа вели дека сега Инспекторатот за труд треба да утврди зошто работодавачи не ги примале боледувањата и колкава сума требало да им се исплати на работниците. Доколку работодавачите не исплатат колку што требало, ќе си платат казна, а работниците може и да тужат, но ретко некој се осмелува на тоа ако сè уште е вработен во фирмата, вели Ампева. Таа потсетува дека уште на почетокот на пандемијата бараа и на работниците во приватниот сектор да им се исплаќа 100 отсто плата во случај на изолација за коронавирусот.

Повеќе на РСЕ