Во Германија лекарите со приватна ординација добиваат дури 28 евра за секоја аплицирана корона-вакцина. Ова го плаќаат даночните обврзници. Зошто државата овозможи богатите да станат уште побогати, се прашува Марко Милер.
Пандемијата ја чини државата – што значи граѓаните, многу пари. И тоа е во ред кога е медицински, економски и општествено неопходно. Но, тоа не значи дека поединечни групи во земјата треба да добиваат „дарови“ на наша сметка.
Кон крајот на летото ширум Германија се затвораа центрите за вакцинација, но потоа дојде ред за бустер доза. Трескавично се размислуваше како да се поттикне што повеќе луѓе да примат трета доза.
Тогашниот министер за здравство Јенс Шпан го одбра наједноставниот пат – го зголеми надоместот за лекарите во приватните ординации кои го добиваат за секоја аплицирана вакцина – и тоа од 20 на 28 евра!
Неверојатна сума кога ќе се помисли колку се мали платите на болничкиот персонал кој за време на корона-пандемијата работи без престан.
Огромен надомест
Лекарите со сопствени ординации во Германија и онака спаѓаат во групата која добро заработува. Кога ќе се одбијат трошоците, ним им останува меѓу 200 и 250 илјади евра бруто заработувачка годишно. Некои специјалисти заработуваат и до 400.000 евра.
Но, ова не е се. Новиот министер за здравство од редовите на социјалдемократите Карл Лаутербах, привремено го зголеми надоместот за секоја аплицирана вакцина дури на 36 евра, за периодот околу Нова Година. Речиси никој да не го забележа ова.
Повеќе на:dw.de









