Муслиманските верници во регионот продолжуваат со последните подготовки за прославата на Курбан бајрам.

Агенција Анадолија (АА) собра информации за подготовките за Курбан бајрам во Северна Македонија, Албанија и Косово, посетувајќи ги сточните пазари низ главните градови.

– Северна Македонија –

Во главниот град на Северна Македонија муслиманските верници кои имаат можност да колат курбан по повод Курбан бајрам, го посетија Сточниот пазар на периферијата на градот.

Продавачите на курбани, не сакајќи да зборуваат пред камера, велат дека оваа година властите не дозволиле купопродажба на традиционалните локации во градот, и притоа се жалеа на неповолните услови на Сточниот пазар. Според нив, ова придонело за нагло намалување на интересот.

Оваа година цената на малите курбани, главно овци и овни, се движеше од 120 до 300 евра, додека крупниот добиток, како крави и бикови, се продаваа за цена од 700 до 1.200 евра.

Во меѓувреме, Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ објави дека и годинава во населените места каде што се слави Курбан бајрам, ќе се постават специјални контејнери каде што муслиманските верници ќе можат да го одложат органскиот отпад.

– Албанија –

Муслиманските верници во Албанија ги продолжуваат подготовките за дочек на празникот Курбан бајрам, водејќи грижа за курбанот, но и за набавка на разни прехранбени производи.

Во пресрет на празникот, Сточниот пазар во Тирана ги дочекува верниците кои купуваат курбани за своето семејство, но и за да им помогнат на семејствата што имаат потреба.

Подготовките за откуп на курбаните траат веќе неколку дена, а утврдената цена за оваа година е 130 евра за ситниот добиток, иста како и минатата година.

Од друга страна, во пресрет на Курбан бајрам, поголема фреквенција се забележува и на пазарот за овошје и зеленчук „Нов пазар“ во Тирана, каде што граѓаните купуваат разновидни производи.

Во меѓувреме, централната програма за молитвата по повод Курбан бајрам во Албанија ќе се одржи на Плоштадот „Скендербег“ во Тирана.

– Косово –

Граѓаните во повеќе градови во Косово ги прават последните подготовки пред празникот Курбан бајрам.

Пристигнувањето на голем број печалбари во земјата и потребата да се купат потребните работи за овој празник предизвика значително поголем прилив низ улиците на Косово во пресрет на празникот, особено во главниот град Приштина.

Трговците на сточниот пазар во населбата Врањевц од Приштина велат дека интересот на граѓаните за купување курбан во споредба со минатата година бил поголем.

Ова се должи на фактот што во текот на минатата година беа воведени мерки што вклучуваат ограничувања на колењето курбани поради пандемијата на новиот вид коронавирус.

Цените на овој пазар за овците и овните се движат од 120 евра до 250 евра, а трговците велат дека најчесто се продаваат тие со просечни цени.

– Што претставува Курбанот?

Оваа година, Курбан бајрам се слави утре, на 20 јули.

Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните за тие што имаат можност и со посета на блиските, роднините, комшиите и пријателите.

Карактеристично за празникот Курбан бајрам е принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа од месото раздаваат на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.

Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.