Унгарскиот премиер Виктор Орбан изразил благодарност до Красимир Каракачанов за поддршка што ја уживал од ВМРО-БНД за кампањата и политиките насочени против ЛГБТ заедницата во земјата, објавуваат бугарските медиуми.
Во дел од писмото што го објави ВМРО-БНД, Орбан се обратил до Каракачанов со „останавме малку, но важна е борбата“ на што од бугарската партија одговориле дека „унгарскиот премиер не е сам во борбата против нелибералните напади врз законодавството на Унгарија. ВМРО е една од политичките партии што секогаш го поддржувала, а тоа не остана незабележано од Фидес и нејзиниот лидер, Орбан“.
Партијата на Каракачанов не успеа да обезбеди место во новиот бугарски парламент по неделните избори во земјата, втори во само три месеци во оваа година, меѓутоа од таму порачуваат дека „и ВМРО води слична битка како и Фидес во Унгарија од која нема да отстапат и покрај притисокот од меѓународниот фактор“.
„И натаму сме суверени држави кои знаат што е најдобро за нацијата и за државата. Продолжуваме со заложбите за семејство, за права на родителите, за заштита на децата и нивната иднина“, нагласуваат од ВМРО-БНД.
„Nova“ Tv








