Фудбалската селекција на Италија е првиот патник во втората фаза на Европското првенство. На „Олимпико“ во Рим, „аѕурите“ повторно покажаа моќ и квалитет и со сигурни 3-0 (1-0) славеа над бледата Швајцарија и со шест бода по две кола и математички си обезбедија место во осминафиналето на континенталниот собир.

Стратегот на клупата на поранешниот светски и европски шампион, Роберто Манчини, се реши за речиси идентичен состав како оној од пред неколку дена против Турција. Единствена промена направи на десната бековска позиција, затоа што Флоренци поради повреда остана на трибини, а неговото место го зазеде Ди Лоренцо. На спротивната страна пак, Петковиќ им даде втора шанса на истите фудбалери кои го започнаа и натпреварот со Велс, кој заврши без победник, откако Мур во самиот финиш погоди за 1-1.

Токму поради испуштената можност за победа против Велшаните, вечерва се очекуваше дека Швајцарија ќе биде таа која ќе тргна поофанзивно, со цел го запише првиот триумф на шампионатот, но Италија одново одигра фантастично. Ако по натпреварот против Турција постоеја дилеми дека „аѕурите“ до убедливата победа стигнаа благодарение на бледата игра на противникот, вечерва избраниците на Манчини го демантираа тоа и прикажаа нова брилијантна партија и заслужено впишаа нови бодови, кои им се доволни за втора фаза на овој собир.

Уште од самиот старт во Рим, Италија беше таа тргна поофанзивно и поконкретно, па првата вистинска закана пристигна во 10. минута, кога со глава се закани Имобиле. Неколку минути подоцна Кјелини се снајде најдобро во противничкиот казнен простор и ја смести топката во мрежата на Швајцарија, но ВАР го поништи неговиот погодок, поради игра со рака при приемот. Веднаш по поништениот гол, италијанскиот капитен се пожали на повреда, па Манчини мораше рано да менува и во игра во внесе Ачерби.

Неочекуваната замена не донесе никакви промени на теренот, затоа што „аѕурите“ не застанаа со доминацијата и наградата за тоа стигна во 26. минута. По една одлична тимска акција Берарди му сервираше чиста позиција на Локатели, кој без проблеми ја мести топката во посакуваната цел за голема радост на домашните фанови и водство на Италија од 1-0. Швајцарија ниту по примениот гол не успеа да се ослободи од притисокот кој му го наметна противникот и на полувреме замина со негатива и без ниту еден закана кон италијанскиот гол.

Швајцарскиот стратег уште на стартот на вториот дел направи промени во нападот, но ниту влегувањето на искусниот член на Динамо Загреб, Гаврановиќ не ги промени настаните на натпреварот. Италија и во продолжение играше полетно и брзо, а тоа донесе и нов гол за печат на победата.

Стрелец и на овој погодок за домаќините беше играчот за врска на Сасуоло, Локатели, кој со прецизен удар од преку 20 метри го матира Зомер и стана само третиот италијански фудбалер со два гола на еден натпревар на Европското првенство, по Казираги и Балотели.

По вториот примен гол Петковиќ внесе нова свежина во офанзивата и направи промена во формацијата, но ниту тоа не донесе резултат, па Швајцарија својата последна шанса за виза за втора фаза ќе брка во последното коло против Турција. Пред самиот крај „Олимпико“ во Рим одново беше на нозе, откако Чиро Имобиле со фантастичен удар од дистанца ги постави конечните 3-0.

Во вториот натпревар во оваа група „А“ во Баку, Велс ја совлада Турција и со тоа ја направи ситуацијата на Турците многу комплицирана за пласман во следната фаза, а Велс си ги зголеми шансите за „нокаут“ фазата. Головите за Велшаните ги постигнаа Ремзи и Робертс, а згора на тоа Бејл промаши и пенал.

Алексеј Миранчук беше клучот на успехот на Русија во дуелот со Финска одигран во Санкт Петербург. Русите со тоа дојдоа до првиот триумф во групата, и ја направија ситуацијата поинтересна. Сега имаат ист број на бодови со Финска, додека утре од оваа група ќе се сретнат Данска и Белгија, во меч во кој Данците немаат право на грешка, но се под голем психолошки притисок поради случувањата со Кристијан Ериксен.