Актуелниот светски шампион со победа го отвори Европското првенство откако вечерва триумфираше во дербито против Германија со 1-0.
Штета е што љубителите на фудбалот имаа можност да видат само еден гол бидејќи ова беше најдобар натпревар во досегашниот дел од шампионатот. Немаше многу шаси, но затоа имаше интензитет, динамика и постојана борба на двете страни од теренот.
Одлучи автоголот на Матс Хумелс во 20. минута, при првата посериозна акција на француската репрезентација. Погба испрати додавање кон Тео Ернандес на левата страна, овој нафрли во петерецот каде веројатно Мбапе ќе ја сместеше топката во мрежата, но пред него тоа го направи Хумелс, еден од поискусните во германската репрезентација.
Потоа се редеа опасни акции на двете страни. Во второто полувреме им беа поништени и два гола на Французите, поради офсајд, еден на Мбапе, а еден на Бензема, но одлуките беа исправни бидејќи навистина француските фудбалери се наоѓаа во недозволена позиција.
Овој пораз ги става Германците под голем притисок пред дуелот со Португалија во второто коло кој, едноставно, мораат да го добијат за да ги продолжат надежите за пласман во осминафиналето.










