Напорите на тимовите ангажирани во ослободувањето на заглавениот брод со контејнери што го блокираше водниот пат во Суецкиот канал беа дополнително попречени од камењата пронајдени под лакот на тој огромен пловен објект. Багерите кои работат на ослободување на „Ever Given“ досега пренесоа 27.000 кубни метри песок од длабочина од 18 метри, а работите се вршат континуирано во согласност со условите за ветер и плима, објави Управата на Суетскиот канал. Речиси 15 проценти од светскиот сообраќај го поминува по овој канал, што е клучен извор на девизна заработка за Египет.
Сегашната блокада носи дневни загуби од 14 до 15 милиони долари, пренесува Ројтерс. „Ever Given“, долг 400 метри, заглави дијагонално преку јужниот дел на каналот во вторникот поради силниот ветер, запирајќи го сообраќајот на еден од најфреквентните водни патишта во светот. Најмалку 369 пловни објекти чекаат да транзитираат низ каналот, вклучувајќи десетици бродови со контејнери, танкери за нафта и бродови кои пренесуваат течен природен и нафтен гас.










