Израелскиот министер за разузнавање, Ели Коен вчера изјави дека очекува уште три арапски земји и една африканска да потпишат мировни договори со Израел наскоро, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во интервју со израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“ (Yedioth Ahronoth), Коен изјави дека земјите кои се најблиску до потпишување договори за нормализација со Израел се Саудиска Арабија, Оман, Катар и Нигер.

„Пред помалку од еден месец се вратив од историската посета на Судан, а една недела претходно бев во Египет, каде присуствував на состанокот за економска безбедност“, изјави Коен.

Според неговите проценки, некои земји може наскоро официјално да најават договори со Израел.

„Во Заливот зборуваме за Оман, Саудиска Арабија и Катар… Покрај тоа, во Нигер се одржаа избори, а избраниот кандидат е проамерикански, што ќе ја зголеми шансата за воспоставување односи со Израел“, додаде Коен.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за израелското армиско радио изјави дека се очекува уште четири земји да потпишат договори за нормализација со Израел, но тој не ги соопшти нивните имиња.

Во септември 2020 година, Израел воспостави формални односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин како дел од договорот со посредство на САД, потег проследен од Судан и Мароко.

Anadolu Agency