Заедничкиот воен комитет 5 + 5 во Либија соопшти дека во рок од две недели ќе биде отворен патот помеѓу Сирт и Мисрата и дека ќе започне отстранувањето на платениците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Членот на Комитетот, Ел-Фитури Гирбил, по 8-миот состанок на Комитетот даде изјава за АА.
Наведувајќи дека крајбрежниот пат меѓу Сирт и Мисрата ќе биде отворен во рок од 2 недели, Гирбил рече дека со отворањето на патот ќе се започне со отстранување на платениците во Сирт и Ел-Џуфра.
Во изјавата дадена од Комитетот по состанокот се истакнува дека ќе се состанат наскоро за да ја проценат ситуацијата за отворањето на крајбрежниот пат, што се протега по северот на земјата, најдоцна во рок од две недели.
Меѓу другото се наведува дека Комитетот разговарал и за механизмот за отстранување на странските платеници од земјата, како и за размената на затвореници кои се во рацете на обете страни.
Заедничкиот воен комитет 5 + 5, во кој членуваат претставници од страните во либиската криза, вчера во Сирт ги продолжи разговорите под покровителство на Обединетите нации (ОН).
Покрај тоа, поткомитет од 8 лица од обете страни, заедно со меѓународните набљудувачи, разговара за теми како што се чистење на областа од мини и отстранување на странските платеници.
Како резултат на состаноците на Заедничкиот воен комитет 5 + 5 што се одржаа во Женева, Швајцарија, од 19 до 23 октомври, беше потпишан договор за постојан прекин на огнот меѓу либиската Влада и делегациите поврзани со Хафтар.
Комитетот одлучи да го отвори крајбрежниот пат што ги поврзува истокот и западот на земјата по северната линија во ноември 2020 година, и во овој контекст, беше донесена одлука во февруари да бидат исчистени од мини и експлозиви Сирт и патиштата поврзани со овој град.
Anadolu Agency








