Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Гејт, остро го осуди признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на Република Косово и нејзината одлука за отворање амбасада таму. Тој истакна дека Република Косово со оваа одлука го крши меѓународниот консензус за отворање амбасади во окупираниот Ерусалим.
Досега само две земји го прекршија овој консензус – САД и Гватемала, рече тој. Во исто време, Абул Гејт истакна дека резолуциите на Советот за безбедност на ОН се јасни во овој поглед, особено резолуцијата 478 од 1980 година. Тој рече дека отворањето на амбасадата на која било земја во Ерусалим не го менува фактот дека градот е под окупација и дека за неговата судбина може да се одлучи само преку преговори.
Палестина ја повикува Приштина да разгледа одлука за Ерусалим Палестинското Министерство за надворешни работи оцени дека одлуката на Република Косово да отвори претставништво во Ерусалим е разочарувачка и ја повика таа земја да ја преиспита таа одлука и да ја повлече. Според палестинската агенција Вафа, Министерството изјавило дека одлуката на Приштина е спротивна на сè што тамошните власти се обидуваат да направат за да го убедат светот да ја признае независноста на Република Косово. Палестинското Министерство смета дека одлуката на Република Косово е погрешна и дека нејзиното повлекување ќе претставува пример за посветеност на законитоста и меѓународното право.
