„Johnson & Johnson“ следната недела ги очекуваат резултатите од клиничките испитувања на вакцината „ковид-19“, објави финансискиот директор на таа американска фармацевтска компанија. „Планираме да ги објавиме нашите резултати на почетокот на следната недела“, изјави Џозеф Волк за CNBC.
Фирмата потоа ќе побара вонредно одобрување во САД за својата вакцина во една доза и најверојатно ќе стане третата одобрена вакцина во Америка, изјави Волк. Тој додаде дека во третата фаза од клиничкото испитување, спроведено на 45.000 луѓе во 80 земји, најверојатно се вклучени оние заразени со новите соеви идентификувани во Јужна Африка и Бразил. „Ние сме многу сигурни во испораката на вакцини и ќе ги исполниме сите наши обврски“, рекол Волк. Johnson & Johnson ветија дека ќе испорачаат 100 милиони дози на САД до крајот на јуни и околу 200 милиони дози на ЕУ до крајот на годината. Вакцината треба да започне да пристигнува во Европа во април. Американската мултинационална компанија вети и 200 милиони дози за земјите во развој во втората половина на годината.










