Просветните работници ја поздравуваат можноста за кариерен напредок на наставниците во звања ментор или советник, која како дел од реформите во образованието им се овозможува за првпат. Но дел од нив реагираат и се сомневаат дека ќе напредуваат само „милениците“ на директорите на училиштата

Јавниот повик на Министерството за образование кој за првпат овозможува кариерен напредок на наставниците во звања ментор или советник предизвика поделени реакции кај просветниот кадар. Ова право произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта и е дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има цел да влијае врз личната мотивација на наставниците за работа. Наставникот кој ќе се стекне со звањето ментор ќе добива 2.869 денари повисока плата.

Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат во соодветното звање. Но, токму тоа била главната причина поради која наставникот Гоце Бумбароски од ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп не аплицирал на конкретниот оглас.

„Една од моите главни забелешки е дека деградирачки е само еден наставник да може да биде ментор во едно училиште. Ние сме сите како едно семејство, тоа дава неубава слика и можеби ќе се јави револт кај наставници кои нема да бидат избрани. Затоа и не се пријавив. Лесно е да избереш еден од 20 наставници, тешко е да избереш еден од 90, зошто има училишта со толкав персонал“, вели Бумбароски.

Тој се сомнева дека оваа можност за кариерен напредок сепак ќе ја имаат само оние наставници кои се фаворизирани од директорите на училиштата, а според него, нејасни се и други аспекти од повикот.

„Како на пример наставник одделенец може да биде наставник ментор на наставник по физика или хемија или наставник по историја и географија да биде ментор на наставник во прво и второ одделение? Мене не ми се допаѓа тоа што не е поделено менторството“, вели Бумбароски.

За разлика од Бумбароски, неговиот колега Сатки Исмаили од ОУ „Кирил и Методиј“ од Тетово аплицирал на повикот и нема сомневање дека ќе бидат избрани најдобрите кандидати. Исмаили има работен стаж од 34 години и вели дека ги исполнува сите критериуми кои се бараат за да напредува во наставник-ментор.

Повеќе на РСЕ