Прочистувањето на Избирачкиот список се одвива перманентно и покрај пописот, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски. Но, според упатените, иако се работи за две различни операции, треба да се искористи пописот за паралелно на терен да се проверуват и избирачите.
Почистување на избирачкиот список редовно се врши пред секои избори, а исклучок нема да бидат ниту локалните избори закажани за оваа година. Но, она што е новина е дека по 19 години во земјата ќе се одржи и попис на населението, кој ќе се спроведе во април на неколку месеци пред гласањето за некој од кандидатите за градоначалници.
На прашањето дали по пописот напролет ќе има прочистување на избирачкиот список до локалните избори, новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела вели дека таквата операција се одвива перманетно.
„Ние сега имаме одделение за прочистување на избирачкиот список и сега доаѓа и почнува прочистувањето за локалните избори кои треба да се заврши за неколку месеци. Така што сметам дека во тој дел тоа би било во ред, како што во неколку циклуси е во ред. Во пописот не би се впуштал, бидејќи тоа е сепак, политички договор и операција и се надевам дека ќе се најде некоја европска солуција и нема да се избега од тоа, само колку да се одржи, бидејќи не би било во ред за државата“, вели Даштевски.
Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски вели дека не може пописот да се споредува со избирачкиот список, бидејќи се две различни операции и не може да се дојде до точна бројка на гласачите. Избирачкиот список се менува секојдневно, а пописот е најчесто на 10 години. Но, според него, пописот за кој ќе се потрошат многу средства може да се искористи од страна на ДИК за паралелно да се изврши проверка на Избирачкиот список.
„Но, кога ќе се споредат резултатите од пописот и резултатите од избирачкиот список повторно ќе треба да се продолжи со ажурирање на Избирачкиот список. Значи не може самата операција на попис да каже колку Избирачкиот список е добар. Затоа што многу експерти сметаат дека споредувањето на пописот и Избирачкиот список е како на јаболко и портокал. Но, ако добро се осмислат и со добра методологија многу земји го искористиле пописот за подобрување на Избирачкиот список“, вели Новаковски.
Повеќе на РСЕ









