И додека во повеќето западноевропски земји, но и оние од соседството процесот на имунизација на населението од корона вирус е во тек, Македонија се уште ги чека ветените дози од течноста која треба да и стави крај на пандемијата и да ја врати надежта дека повторно нормално ќе живееме.

Првите дози вакцини од компанијата „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот треба да пристигнат во земјава веќе следниот месец, а надлежните уверуваат дека здравствениот систем е подготвен за вакцинација. Оттаму додаваат дека вакцините преку системот за солидарност не се стигнати се уште бидејќи земјите кои требало да ни дадат од своите вакцини не ја добиле нарачаната количина. Според најавите, Македонија треба да добие вакцини од Австрија, Полска, Бугарија, Грција, Србија. Во тек е и постапката на потпишување договор за 800.000 вакцини од „Фајзер“, кои ќе пристигнат во земјава во текот на оваа година и ќе бидат доволни за 400 000 граѓани.

Граѓаните нема да можат да бираат која вакцина ќе ја примаат, но здравствените власти уверуваат дека сите вакцини ќе бидат безбедни и проверени.

„Сите вакцини коишто ќе ги донесеме во нашата земја ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни за апликација. Така да не гледам никаква разлика помеѓу вакцините кои ги очекуваме да стигнат и во таа смисла согласно планот за дистрибуција ќе биде направен планот за апликација“, изјави деновиве министерот Филипче.

Во меѓувреме властите подготвуваат едукативни кампањи за важноста на имунизацијата. Министерството за здравство заедно со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ развива комуникациска стратегија и кампања за вакцинацијата за ковид- 19 која, како што велат од МЗ, има за цел споделување на точни и навремени информации околу вакцините и вакцинацијата, како и подигнување на свеста кај населението за значаење на вакцинацијата против ковид-19 во борбата против вирусот. Од Министерството велат дека со точни и релевантни информации, навремено ќе ја информира јавноста околу процесот на вакцинација.

Повеќе на РСЕ