Скопје и Белград се единствените кои имаат амбиции за зачленување во ЕУ и се блиску до унијата , а не се приклучија на санкциите кон Русија поради нелегалната анексија на Крим. Тие се донесени првпат во 2014 година и постојано се обновуваат.
Во февруари и март 2014 година главна светска вест е руската нелегална анексија на полуостров Крим кој се наоѓа на украинска територија. Европската унија и Соединетите Американски Држави веднаш преземаа санкции кон Русија.
ЕУ ги продолжи санкциите врз Русија
Тогаш на власт во Македонија е владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски. Во тој период, март 2014 година на домашната политичка сцена, СДСМ како опозиција напаѓа за нелегални бизниси на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контразузнавање Сашо Мијалков, а Груевски како премиер се фали дека Македонија има четврти највисок економски раст во Европа. И иако и тогаш, земја кандидат за зачленување во Европската унија, одлучува да не се приклучи кон санкциите на земјите членки на Унијата за Русија.
Повеќе од шест години од одлуката на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе од три години на оваа влада предводена од СДСМ одлуката е иста- и сега Република Северна Македонија не е приклучена кон санкциите на унијата за Русија поради нелегалната анексија на Крим.
„Од 2014 година, Европската Унија прогресивно воведува санкции против Руската Федерација. Мерките се усвојуваат како одговор на активностите за поткопување на територијалниот интегритет на Република Украина и нелегалната анексија на Крим и Севастопол. Во 2014 година, Владата не се приклучила кон мерките на ЕУ и оттогаш нема нова одлука“, велат од македонската влада за Радио Слободна Европа.
Рестриктивните мерки Европската унија ги обвновува на секои шест месеци. Последно Унијата, санкциите првпат воведени во 2014 година, ги обнови до 31 јули 2021 година. На нив, скоро по носењето се приклучуваат Албанија и Црна Гора иако не се земји членки на Унијата, a последно и двете ги продолжија исто како и членките на унијата.
Зближувањето со Путин ќе влијае врз односите на Црна Гора со САД и ЕУ
По промената на власта во Црна Гора неодамна се отвори и прашањето дали ќе има промена на одлуката. Новиот црногорски шеф на дипломатијата Џорџе Радуловиќ рече дека тие не се непријател на Русија, но оти го информирал рускиот амбасадор во Подгорица дека санкциите остануваат во сила, а дека земјата ќе соработува со Москва во сите области кои не ги нарушуваат нивните европски стратегиски приоритети.
Црна Гора и Албанија усогласени
Единствени земји блиски во релации со ЕУ кои не се приклучиле кон овие сакнции досега се Србија и Македонија. Србија веќе преговара со Унијата, а Македонија требаше да добие датум за преговори сега, но тоа не се случи поради бугарската блокада предизвикана од билатерални недоразбирања.
Симонида Кацарска од Центарот за Европски политики ЕПИ вели дека oд 2017 година земјава има пораст во усогласеноста на надворешната политика со онаа на унијата. Процентуално, вели Кацарска, која цитира меѓународна студија, од 71 отсто усогласеноста се искачила на 87 отсто.
„Повисоко од нас се усогласени Албанија и Црна Гора, како најдобро усогласени од регионот“, вели Кацарска.
Повеќе на РСЕ










