Голем дел од нашите граѓани коишто престојуваа во странство, а кои заради пандемијата се вратија и останаа, почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, за да имаат пристап до финансиска поддршка од државата, вели министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска за РСЕ.

Министерке колку во е во моментов социјалната помош, колку е сумата што им се исплаќа на оние на кои им е потребна?

Социјална помош е стариот назив за она што сега претставува гарантирана минимална помош. Согласно законот за социјална заштита, којшто беше донесен минатата година во мај, ние испорачуваме една социјална реформа, која во себе ги вклопува како паричните права, како социјалните права, така и социјалните услуги. Гарантирана минимална помош е сочинета од повеќе компоненти, зависи од бројот на членови во семејството. Според одредена методологија се дефинира износот.

Носителот на гарантирана минимална помош добива 4000 денари. Партнерот, брачниот другар добива 50 отсто од ова, значи 2000 денари. Понатаму децата добиваат по 800 денари од секое дете и едно четиричлено семејство во старт добива износ кој е во старт некаде околу 7600 денари. Дополнително на ова се добива детски додаток кој претставува сериозен исчекор во намерата на државата да им помогне на најранливите категории граѓани, затоа што за првпат во историјата детски додаток добиваат семејства во кои нема ниту еден вработен, тоа порано беше само за приматели со ниски лични доходи, за тие семејства. И сега дополнително на детскиот додаток, кој што е различен во однос на возрасна на децата, дали е во основно или во средно училиште имаме дополнително и образовен додаток, којшто има за цел да ги извади децата од улиците. Образовниот додаток не е условен од бројот на деца, секое дете го добива овој додаток, така што, ние рековме дека за 300 отсто го зголемивме износот на гарантирана минимална помош и во просек во четиричлено семејство се доаѓа до таа вредност од 11.000 -11.500 денари. Ќе се согласите дека навистина претставува 300 отсто зголемување на помошта.

Да зголемена е помошта, но во моментов во државата речиси секојдневно има по 1000 заболени со ковид, тоа се луѓе од различни социјални категории. Во просек лекување на еден случај којшто е на домашно лекување чини 10 илјади денари, бидејќи испитување на Ддимерите коишто се неопходни да се прават, не влегуваат на сметка на Фондот, тие самите си ги плаќаат. Само сумамед е на рецепт и на државна сметка, целиот пакет витамини што се препорачува граѓаните сами го плаќаат и тоа во принцип чини 10 илјади по човек со лесна слика од ковид. Дали правите некакви обиди со министерството за здравство за тие луѓе коишто се на работ и на кои им се случува да бидат заболени да имаат некаква помош во ова време за да може да се лекуваат и да имаат пристап до здравствена нега којашто е потреба за вирусот. Сте разговарале ли со министерот за здравство на позитивна листа да се стават некои од овие лекови коишто треба да ги примаат заболените од ковид.

Суштината на една држава е да го воспоставите системот, а системот треба да ги изедначи сите граѓани да имаат еднаков пристап до права и до услуги. Би било нелогично доколку здравството, затоа што ова прашање е адресирано пред се до здравството, би дејствувало инцидентно и стихијно. Што значи тоа? Сите пациенти кои имаат симптоми влегуваат во здравствениот систем преку своите матични доктори. Кога матичниот лекар ќе остави индикации дека тоа лице треба да се тестира, тоа пристапува кон тестирање и државата треба да ги обезбеди тестовите. Би било вистински хаос кога секој би отишол да се тестира без индикација.

Понатаму клексан не примаат пациентите кои имаат лесна клиничка слика. За клексанот треба да има надзор од страна на специјалист инфектолог или специјалист интернист, тоа не оди така безазлено. Во однос на витаминската терапија, еден Б комплекс кошта многу малку средства и е достапен на сите граѓани. Доволно е да се живее со почитување на мерките, да се превенира болеста, а сето она што претставува сериозно нарушување на здравството треба здравствениот систем да си го апсорбира и да одговори на потребите и на барањата на граѓаните.

Повеќе на:РСЕ