По неколку илјади денари даваат граѓани заразени од ковид за витамини, суплементи, антиколагуланти и дополнителни прпепарати, кои се дел од терапијата за лекување на последици од вирусот. Само антибиотиците се на позитивна листа. Министерот за здравство вели дека нема специфична терапија за ковид.
Речиси една минимална плата или околу 15 илјади денари за лекување на последици од ковид-19 во домашни услови потрошила досега 57 годишна скопјанка, чиј идентитет и е познат на редакцијата. Во првите денови по позитивниот тест примала само терапија со витамини за кои потрошила околу 3000 денари, нo потоа состојбата и се влошила, па по посета на специјалист инфектолог во терапијата и се додадени и антибиотици и лекови кои помагаат против згрутчување на крвта. Само антибиотиците се на рецепт, за инјекциите клексани против згрутчување на крвта дала 4000 денари. Фондот за здравство рефундира 70 отсто од парите дадени за клексани, но за да се случи тоа таа првин треба да оздрави, па да поднесе барање Фондот да и врати дел од дадените пари. Нејзиниот син Сашо, кој бил задолжен да ја набави неопходната терапија, вели дека имале среќа што само едно лице е заразена од семејството, доколку цело семејство е заразено, како што вели, нема да им стигне просечна плата.
„И најчесто кога ќе отидеш во аптека не можеш да ги најдеш сите потребни препарати, те препраќаат на друго место да бараш, особено за клексани ти кажуваат дека нема во секоја аптека. Зависи од тоа колку дена треба да ти примаш, ама во нашиот случај 4000 денари. Тие пари мора да ги одвоиш од свој буџет, после ги рефундираат, но мора да имаш пари за да ги купиш, ако немаш средства автоматски не може да ја купиш потребната терапија, мора или да се позајмиш или ќе останеш без терапија“, вели Сашо.
Најсиромашни многудетните семејства
Потоа инјекциите и биле заменети со друга терапија против згрутчување на крвта, за која дала дополнителни 3800 денари, тие лекови исто не се на позитивна листа. Во терапијата се вклучени и пробитици и лекови за желудник за што потрошила дополнителни 500 денари.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека до овој момент нема специфична терапија за ковид никаде во светот.
„Целокупната терапија се препишува и за тоа матичните лекари имаат насоки согласно состојбата, клиничката слика, прегледите, а доколку се укаже состојбата пациентите се упатуваат во болниците“, вели министерот за здравство.
За контрола на состојбата на заболениот на државно се плаќа партиципација од околу 250 денари за рентген снимката и за крвната слика, но таа не опфаќа проверка на Д-димери, чија вредност многу често се зголемува со вирусот, па за тоа треба да се издвојат дополнителни до 2000 денари во зависност, каде се прават анализите. Но за термин често се чека подолго време, па неретко болните ги посетуваат приватните клиники и лаборатории. Крвна слика, рентген и преглед кај инфектолог на приватно може да се чини од 150 до 200 евра.
Повеќе на РСЕ











