Не престанува страдањето на бегалците и мигрантите, кои, бегајќи од војните и судирите во матичните земји, пристигнаа на грчкиот остров Лезбос, јавува Агенција Анадолија (АА).
По пожарите кои пред две недели го зафатија бегалскиот камп „Мориа“, илјадници бегалци и мигранти повторно останаа без покрив над главата.
![]()
Велат дека условите во новиот камп во кој се сместени не се хумани.
На Лезбос, каде што во последните денови се зголеми бројот на нови случаи на Ковид-19, хигиената е од голема важност, особено за бегалците кои живеат во големи групи, додека новиот камп не е во состојба да пружи ниту минимални хигиенски услови како кампот „Мориа“.

Бегалците и мигрантите, кои се принудени да престојуваат на улици, гробишта и плажи во различни делови на островот, околу седум дена по пожарот се жалат дека во новиот камп нема доволно тоалети и бањи.
Седумнаесетгодишната Мина од Авганистан изјави дека со кампот „Мориа“ исчезнале нивните добри и лоши спомени.

Порача дека во пожарот им се уништени сите работи.
„Тоа беше многу лоша ноќ. Многу се исплашивме. Околу седум дена спиевме на улица. И новиот камп е многу лош. Нема бањи ни тоалети. Многу е тешко да се живее тука. Замислете еден човек седум дена да не може да отиде во бања“, изјави Мина.
Авганистанецот Мухамед вели дека спиеле кога избил пожарот.
„Зедовме со себе некои важни работи и документи за пријава“, појасни тој.
Како што вели тој, извесно време биле на улица, а потоа биле сместени во нов камп.
Кампот „Мориа“, во кој неодамна престојуваа околу 13.000 луѓе, односно четирипати повеќе од капацитетот, беше еден од најголемите центри за прифаќање и идентификација во Грција.
По пожарот илјадници мигранти и бегалци останаа без покрив над главата, без храна и вода, а ги изгубиле и тие малку работи што ги зеле со себе на патот кон подобар живот.
Поголемиот дел од бегалците се сместени во кампот на подрачјето Каратепеа.
Anadolu









