До достоинствен и пристоен живот на граѓаните се доаѓа преку повисоки плати и подобар животен стандард, коментира економскиот аналитичар Арбен Халили. Статистиката покажува тренд на пораст на животните трошоци. Со моменталните плати, граѓаните велат дека тешко се полни потрошувачката кошничка

Пoкрај големиот пад на бруто домашниот производ во второто тромесечије, големиот број изгубени работни места и намалените плати кај дел од работната сила, претходниот месец се зголемиле и трошоците за живот на едно четиричлено семејство. Последните податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)покажуваат дека потребите на едно домаќинство за храна, пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека, обувки изнесувале 33.538 денари во август годинава.

Најголем дел од средствата се трошеле на исхрана и пијалаци, потребите за домување изнесувале 32,14 отсто, за хигиена според минималната синдикална кошница, биле потребни 2.366 денари, за превоз 2.466 денари, за облека и обувки 2.118 денари. За култура во август едно домаќинство одвоило 3,18 отсто, а за одржување на здравјето 2,14 отсто. Од друга страна пак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2020 година, изнесува 26.867 денари.

Трошоците на живот во август 2020 година пораснале за 0,5 отсто, додека цените на мало минатиот месец биле зголемени за 0,8 отсто. Главна причина за порастот на трошоците на живот е токму зголемувањето на цената на електричната енергија, поради што деновиве се одржувааат и протести. Индексот на трошоците на животот во август 2020 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало изнесува 100.8 во споредба со јули 2020 година.

Дел од граѓаните кои ги прашавме велат дека и досега тешко врзувале крај со крај за да го поминат месецов, а очекуваат потешки денови поради последиците од пандемијата.

„Имам 38 години стаж, а моментално сум невработен. Со две деца, исто така невработени. Многу тешко живеам“, вели Трајко од Скопје.

„Да крпиш одвај, дали за вода, дали за струја, за што попрво, не стигнуваат“, се жали пензионерката Вера.

„Тешко на тој што не работи. Може да се каже дека ако двајцата сопружници работат, може да се издржи месецот, така за еден скромен живот“, вели еден млад скопјанец.

„Од година на година, од ден во ден се полошо е, барем за моето семејство“, револтиран е Миле, вработен во приватна фирма. „Ако почнат да поскапуваат некои работи, треба да се зголемува и стандардот, зошто во спротивно сите ќе почувствуваме последици на свој грб“, смета Петар од Скопје.

Зголемувања на цените има и на светско ниво. Цените на храната повторно се зголемија и на светските пазари во август, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на пандемијата во февруари, како резултат на зголемената побарувачка и послабиот долар, објави деновиве Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Дека не само месецов, туку и годината до крај ќе биде многу тешка, потврдуваат и од Стопанската комора на Северозападна Македонија од каде истакнуваат дека многу компании претрпеле големи економски штети. Загубите од 80 до 90 проценти во некои сектори, влијаеле и на куповната моќ и пошироката потрошувачка во земјава, велат од комората. Од таму упатуваат апел до владата да продолжи со субвенционирање на платите до крајот на октомври, а ако пандемијата продолжи и до крај на годината, а од друга страна, кредитите со минимална каматна стапка од Банката за развој да продолжат за компаниите кои може да придонесат до развој на економијата.

Потрошувачката кошничка подолга од „чергата“ на граѓаните

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели пристојниот живот на едно четиричлено семејство, доаѓа преку зголемување на просечната македонска плата.

Повеќе на РСЕ