Власта поважна од ветувањата и принципите

0
108

Партиите ќе седнат и ќе најдат компромис, а при тоа поважно е надминувањето на личните суети, отколку програмските недоразбирања, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. По изборите останува само битката за гола власт и тогаш политичарите се спремни на сè, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.

Некои од големите теми на кои се базираа предизборните кампањи ќе изостанат во преговорите за создавање парламентарно мнозинство. Партиите ќе ги надминат програмските недоразбирања за кои пред избори кршеа копја, и во битката за власт ќе седнат и ќе се договорат, а притоа и ќе изнајдат добри образложенија за пред гласачите зошто морало да направат такви договори, коментираат политички аналитичари

По конституирањето на Собранито на 4 август, партиите се обидуваат да се договорат за парламентарно мнозинство. СДСМ тврди дека сериозно разговараат за формирање нова влада. И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и тие се во трка за парламентарно мнозинство. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи информираше за средба меѓу лидерите на ДУИ и на СДСМ, но рече и дека ќе разговараат и со другите партии. Тој рече дека на првата средба зборувале најмногу за враќање на изгубената доверба за време на изборната кампања. За средбата меѓу Ахмети и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, нема многу детали.

Пред изборите Заев инсистираше дека ДУИ треба да замине во опозиција, а партијата не се согласуваше и со идејата на Ахмети за Албанец за премиер. Османи запрашан што станува со идејата за Албанец премиер, рече дека треба да се почека, оти како што вели, не е коректно доколку ги објават сите свои позиции на маса.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека не е првпат предизборната и постизборната реторика да се разликува во голема мера.

„Сето тоа зависи од бројките и бројките ги упатуваат партиите да седнат и да изнајдат компромис. Верувам дека најмногу треба да се надминат личните суети, отколку програмските недоразбирања“, вели Муслиу.

На изборите одржани на 15 јули, во Собранието од 120 пратеници коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса/Алтернатива 12, Левица 2 и еден пратеник освои ДПА.

Пробни балони пред преговорите за нова влада

Мусли додава дека „големите“ прашања кои се поставуваат во изборната кампања, во голем дел служат за политички спин и се дел од политичкиот наратив за привлекување на гласови.

„Ниту кај граѓаните нема да има некое големо изненадување ако некои големи теми кои се подигаа нема да бидат дел од преговарачките теми. Тоа не е многу проблематично да се надмине, но секако на сите политички партии над глава им висат и следните избори, така што сето тоа треба да го завијат во некој наратив кој на сите страни ќе им даде добро образложени пред своите гласачи зошто влегле во такви договори“, вели Муслиу.

Битка за гола власт

Александар Цветкоски од невладината АГТИС вели дека одамна кај нас важи тоа дека политичарите не мора да го исполнат ветеното, оти секогаш се во коалиција со некој друг, па може да се „вадат“, дека заради другиот не успеале да го сторат ветеното.

„А ние видовме дека дури и двотретинско мнозинство не значи ништо, ако нема политичка волја. Она што во ветуваат народот може комотно да го заборави кога завршуваат изборите, останува само битката за гола власт и тогаш тие се спремни на сè. Се губи смисла, и македонски и албански национализам, права на малцинства, на мнозинства“, изјави Цветкоски.

Народот не ги гледа ветувањата, туку гледа нешто да добие од државата, а политичарите тоа го знаат и го користат, додава Цветкоски.

„Заев или Мицкоски можеа да ветат Ајфелова кула во секое село или можеа да не ветат ништо, но луѓето не паѓаат на сето тоа, тие паѓаат на само она што вика – ако може нешто во предизборието да ќариме, да ни направат пат, канализација или да не подмитат со некој денар, друго ништо никој не очекува, тоа политичарите го знаат и затоа немаат никаков репер, никаква обврска

Повеќе на:РСЕ