Социјадемократскиот сојуз без приговори, а ВМРО-ДПМНЕ своите сомнежи за резултатите од предвремените парламентарни избори ги сублимирала во два приговора до Државната изборна комисија.
Од опозициската партија, која според првичните официјални резултати има осовоено 44 пратеници, за Телма велат дека нема да поднесуваат поединечни приговори за резултатите по избирачки места.
Нивната намера е со приговорите со барање за рачно пребројување на гласовите и за преиспитување на големиот број на неважечки ливчиња, да го опфатат целиот изборен резултат.
Од ВМРО-ДПМНЕ во моментов не можат прецизно да кажат колкав број на гласови сметаат дека им се одземени, но велат, најбитно за нив е да се потврди волјата на граѓаните онака како што гласале.
Од СДСМ која освои 46 пратеници пак за Телма информираат дека нема да поднесат приговори на резултатите.
Тие претходно најавуваа приговор за ИЕ 3 каде од ремито со ВМРО-ДПМНЕ им го расипа Левица која таму им одзеде едно пратеничко место на социјалдемократите и ги остави со 9 пратеници.
СДСМ најавуваа приговори до ДИК само доколку прегласувањето на тоа гласачко место го менува резултатот.
Алијанса за Албанците која освои 12 пратеници до денеска има поднеено 74 приговори, најмногу за изборните единици 5 и 6, но не и за ИЕ1 и ИЕ 2.
Тие обвинуваат за невиден изборен грабеж во албанскиот политички блок.
Таравари за Телма вели дека во Алијанса се размислува веќе и за план доколку не бидат прифатени нивните приговори од страна на ДИК и вели дека такво нешто нема да може тивко да помине.
Од Алијанса информираат дека веќе разговарале со одредени амбасадори во земјава токму за изборните резултати.
Додека поголемите партии ќе ги ревидираат изборните резултати, некои преку два приговора, некои со неколку десетици, „Левица“ која првпат влегува во Собранието со два пратеника најави дека до ДИК ќе поднесат 425 приговори за изборните резултати.
Од Државната изборна комисија за Телма информираат дека до овој момент до нив не се стигнати приговорите на „Левица“, а веќе ги добиле двата приговорите од ВМРО-ДПМНЕ, 74 од Алијанса за Албанците, како и два приговори од „Демократи“ и по еден од Работничка партија, Интегра, СДУ и коалицијата на Јанко Бачев.
Telma










