Протести против владата на Бугарија и против главниот обвинител се одржуваат веќе деветти ден по ред во Софија и други градови низ таа држава.

Демонстрантите во Софија почнаа да се собираат пред зградата на претседателството во попладневните часови. На самото место присутни се и полициските сили.

Претходно заменик началникот на полицијата во Софија, Антон Златанов изјави дека осум лица се приведени на 16 јули, пред и по антивладините протести во бугарскиот главен град. Златанов рече дека дрога е пронајдена кај двајца приведени, а кај шест лица се пронајдени ножеви, солзавец и пиротехника.

Регионалниот суд во Софија, исто така, денеска одреди кауција за четворица млади мажи, кои беа уапсени и обвинети за фрлање шишиња и метални лименки кон полицајците и фрлање на нив во зградата на Националното собрание за време на антивладините протести на 14 јули.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во средата побара од министрите за финансии, економија и за внатрешни работи да си поднесат оставки поради протестите.