Заев се одјави на неколку дена одмор: „Разговорите за нова влада по Илинден“

by Administrator
Преговорите за формирање на новата влада ќе продолжат по Илинден, со запазување на законските рокови, по што државата ќе добие функционални и легитимни институции, велат од СДСМ. Од партијата информираат дека лидерот Зоран Заев од утре ќе користи неколку денови одмор што ќе го помине во државата.
„Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона-криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. По Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ. Законските рокови ќе бидат целосно запазени, државата ќе добие функционални и легитимни институции“, соопштуваат од партијата.
СДСМ им честита на граѓаните за, како што велат, демократскиот капацитет со кој донеле јасна одлука каква Влада и држава сакаат во наредните четири години.
Според првичните резултати кои вчеравечер ги објави Државната Изборна Комисија (ДИК), коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 мандати, коалицијата „За обнова на Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива – 12, Левица – 2 и ДПА – 1.
NovaTV

You may also like