Неколку стотици граѓани се собраа вечерва на протест пред Домот на Народното собрание во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вечерва се собраа помалку луѓе отколку претходните денови и тие беа поделени во повеќе различни групи од кои некои и десничарски, а некои припаѓаат на т.н. граѓанска опција.
Членовите на опозициското движење „Доста беше“ им делеа на луѓето на протестите летоци во кои ги повикуваат утре во 13.30 часот да се соберат пред Уставниот суд и да бараат поништување на неодамна одржаните избори.
Поранешниот независен пратеник Срѓан Ного побара пуштање на сите уапсени демонстранти, спречување на формирање на новиот состав на Владата и собранието, бидејќи, според негово мислење, изборите биле „лажни“, а бараше и формирање на техничка влада, дебатни емисии на Јавниот сервис на РТС и апсење и процесуирање на Кризниот штаб поради ситуацијата со Ковид-19.
Паралелно со протестот пред Собранието на Србија, одржан е и протест пред Централниот затвор каде насобраните бараа ослободување на демонстрантите уапсени во изминатите шест дена.
Меѓу насобраните беа и претставниците на опозицијата, а претседателот на Демократската партија Зоран Лутовац изјави дека треба да искаже солидарност со уапсените за време на протестите во текот на претходните денови.
Граѓаните на тој протест бараа ослободување на уапсените, но и покренување на постапки против виновниците и оние кои ги инспирираа нередите.
Дел од демонстрантите носеа транспаренти „Апсете ги крадците, а не борците“, „Апсете ги хулиганите, не го тепајте својот народ“ и „Пуштете ги сите“.
Anadolu










