На различни реакции во пошироката јавност наиде првиот тв-дуел на ТВ „24“ меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, одржан по истекот на првата седмица од изборната кампања. Според реакциите на социјалните медиуми, некои сметаат дека токму така треба да изгледа дуел – „жестоко и без пардон“, други анализираат кој бил нервозен, а кој смирен, трети повикуваат на потребата од многу повисоки стандарди во политичката комуникација и култура.

Дуелот не ги даде одговорите за клучните прашања и реалните проблеми, оценуваат соговорниците на ДВ. Пратеничката од првиот собраниски состав, Ѓулистана Марковска, вели дека ако по утрото се познава денот, по првото лидерско соочување сосема е јасно дека и на овие избори ќе имаме „многу лоша и валкана кампања”.

„Очигледно дека и двајцата лидери не проценија дека во ова ужасно време невреме на корона-дивеење, на сите нас ни се свртија животите наопаку, дека сакаме аргументирана, и со факти поткрепена дебата за вистинските животни проблеми од типот: каква вода ќе пиеме, како ќе се прочисти воздухот, како ќе се справуваме со отпадот, а не уште да увезуваме и туѓ со сомнителна содржина, каква изменета содржина ќе има здравството, образованието… Наместо реални решенија за вистински проблеми, ние слушнавме дебата со многу ниска политичка култура и многу, многу навреди со лични дискредитации.

Gulistana Markovska (DW/K.Blazevska)Марковска: Наместо реални решенија за вистински проблеми, слушнавме дебата со многу ниска политичка култура и многу, многу навреди со лични дискредитации

За волја на вистината, кога ќе ве нападнат уште и неосновано, човечки порив е да се одбраните. Уште полошо звучи, кога свесно ќе приговарате за нивото на дебатата, за веднаш, во истиот момент, сам и сосема прецизно, да си ‘скокнете во уста’. Некогаш и тишината е знак на достоинство и на култура на говорот. И за љубов и за кавга се потребни двајца. Жално е што добар дел оваа дебата беше повеќе лична, со многу мало споменување на партиите кои се на изборен мегдан и за нивните програмски решенија“, констатира Марковска.

Сличен став дели и поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, кој очекувал повеќе време посветено во одговори за економските и политичките проблеми.

„ТВ дуелот, неочекувано за мене, ниту по форма ниту по содржина, не беше на потребното ниво, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа државата и предизвиците што ѝ претстојат во блиска иднина во евроинтеграцискиот процес. Несразмерно повеќе време потрошија расправајќи за личните карактерни особини, наместо за економските и политичките проблеми со кои земјата се соочува и во иднина ќе се соочи како последица и од пандемијата“, вели Хајредини.

Вечните „донатори“ 

Во дуелот, доминираа неколку зборови и имиња: пари, рекет, поткуп, Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Зоран Милески – Кичевскиот (кој во еден наврат од Заев беше именуван пермутирано како Зоран Милевскиот – Кичевски). Ниту еден од споменатите лица не е кандидат за пратеник, а сепак, го апсорбираа најголемиот дел од времето во дуелот во контекст на незаконски снимени разговори и објавени на Јутјуб во изминатиов период, а заради индиции за криминал што произлегуваат од нив.

„Она што мене ме запрепасти, е тоа што веќе никој јавно, дури и новинарите, не поставуваат прашања – од каде се новите ‘бомби’, а се дискутира очигледно за автентична содржина“, вели Марковска.

Повеќе на:DW