Силите на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија извршија шест воздушни напади на воениот конвој на лидерот на нелегитимните сили, Калифа Хафтар, јужно од Триполи, соопшти локален официјален претставник рано утринава, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Нашите сили извршија шест воздушни напади врз вооружениот конвој на милицијата на терористите на Хафтар“, соопшти воениот портпарол на Владата на национално единство, Мохамед Кануну.

Во соопштението на прес-центарот на операцијата „Вулкан на гневот“, која ја води Владата на национално единство, се наведува дека операцијата е извршена на патот меѓу Каријат и Несме, недалеку од долината Мерсит.

Во соопштението не се објавени додатни детали.

Воедно, жителите на градот Сабхе, кој се наоѓа 750 километри јужно од Триполи, во заедничка изјава соопштија дека се повлекуваат од поддршката на Хафтар и соопштија дека ја поддржуваат Владата на национално единство.