Стотици лица денес излегоа на улиците на рускиот кавкаски град Владикавказ за да протестираат против режимот на самоизолација поради новиот тип на коронавирус, Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жителите на Владикавказ, главниот град во регионот Северна Осетија, бараат подетални информации во врска со мерките преземени од локалните власти за да се спречи ширењето на вирусот.
Тие исто така повикаа на повеќе поддршка за луѓето кои ги изгубиле своите работни места поради карантинот.

Полицијата се обиде да ги спречи демонстрантите на централниот плоштад во градот, но се соочи со спротиставување и се повлече.
Местото на демонстрациите потоа беше обезбедено од војници на Руската национална гарда.
Бројот на детектирани случаи на Ковид-19 во Русија денес изнесува 4.268, со што вкупниот број на лица позитивни на новиот тип на коронавирусот изнесува 47.121, додека вкупниот број на смртни случаи изнесува 405 лица, од кои 44 се потврдени денес.

Рускиот претседател, Владимир Путин на 25 март објави дека нема да се работи во земјата до 30 април, велејќи им на луѓето да останат во домашна самоизолација.
Другите мерки за справување со болеста меѓу другите региони вклучуваат блокада и на Москва и на Санкт Петербург.
Додека влезот на странските државјани во земјата е забранет, меѓународниот воздушен сообраќај останува суспендиран.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на заразата кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2,4 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот се приближи кон 166.000.
Anadolu










