Задолжи се за да се раздолжиш ама долгот расте!

0
128

Власта соопшти дека по основ на доспеани државни хартии од вредност неделава ќе врати 131 милион евра во стопанството за кои вчера се задолжи. Според опозицијата, власта лажно ги претставува фактите. Експертите велат дека не може да се намалат задолжувањата бидејќи буџетот не се полни согласно планираната стапка на раст.

Јавниот долг на Македонија во изминатите 2,5 години е зголемен за над 830 милиони евра, односно за 2,8 процентни поени. На средината на 2017 година, кога дојде до промена на власта, јавниот долг бил 4,7 милијарди евра или 46,1 проценти од БДП, додека на крајот на минатата година достигнал 5,5 милијарди евра, односно 48,9 проценти од БДП-то. Власта се фали дека го ставила јавниот долг под контрола, со оглед на тоа што претходната влада драстично ја зголеми задолженоста, додека опозицијата обвинува дека власта неодговорно продолжува да ги задолжува идните генерации.

Од Министерството за финансии велат дека парите од новото задолжување кое изнесува 131, 7 милиони евра по основ на доспеани хартии од вредност, ќе се вратат во стопанството.

„По основ на доспеани хартии од вредност Министерството за финансии ќе врати 8,1 милијарда денари или 131,7 милиони евра во стопанството, по основ досепани издадени хартии од вредност. Вчера беа вратени 7 милијарди денари, додека на 8-ми, за кога нема предвидено аукција, ќе се вратат 1,1 милијарда денари. На вчерашната закажана аукција на државни хартии од вредност, понудени се хартии од вредност во износ од 8,1 милијарда денари, односно нето задолжувањето со оваа аукција е нула“, информираа од ресорното министерство.

Опозицијата пак е убедена дека парите од новото задолжување за раздолжување нема да се вратат во стопанството. Дополнителниот заменик министер во министерството за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска преку соопштение во јавноста наведува дека ова е лажно претставување на фактите, бидејќи парите всушност ќе се вратат на финансиските институции, односно банките.

„МФ и Владата не мислат на стопанството, да мислеа немаше данокот на добивка и понатаму да паѓа, односно стопанството и понатаму да тоне. Само од јануари до денес нето задолжувањето изнесува цели 52 милиони евра. Oва е моменталната ситуација во државата: Државата се задолжува, капиталните инвестиции се на рекордно најниско ниво, што значи имаме непродуктиви трошења“, се наведува во соопштението на Димитриеска-Кочоска.

Годинава доспева за враќање еврообврзницата од 2015 година од 270 милиони евра, но дел од таа сума беше предвремено исплатена. Дополнително во 2021 година доспева и еврообврзницата од 500 милиони евра од 2014 година, а треба да се врати и втората рата од заемот базиран на политики од Светската банка во висина од 155 милиони евра. Во меѓувреме, редовно доспеваат за враќање и домашни задолжувања.

Повеќе на:РСЕ