ОТАВА (AA) – Канада ќе исплати по 19.200 долари на семејствата на 57 свои државјани кои го загубија животот во падот на авионот на „Украин ерлајнс“, како и на семејствата на 29 загинати кои имаат постојан престој во Канада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канадскиот премиер, Џастун Трудо, на прес-конференција во Отава изјави дека е неопходна поддршка на семејствата од загинатите патници во авионот на „Украин ерлајнс“, соборен во Иран.
„Сакам да бидам јасен, очекуваме Иран да им плати отштета на овие семејства. Но разговарав со нив, тие не можат да чекаат со недели. Потребна им е поддршка моментално“, рече Трудо.
Во врска со тоа, Трудо рече дека „Канада ќе исплати по 19.200 долари на семејствата на 57 свои државјани кои ги загубија животите во падот на авионот на „Украин ерлајнс“, како и на семејствата на 29 загинати кои имаат постојан престој во Канада.
Додаде дека паричниот надомест, кој Иран дополнително ќе го испрати, директно ќе им биде испратен на семејствата на настраданите, односно дека никој нема да биде посредник.
Патничкиот авион 737 на „Украин ерлајнс“ падна на 8 јануари недолго по полетувањето од Меѓународниот аеродром „Имам Комеини“ во Техеран, а леташе кон Киев. Загинаа 176 лица.
Техеран првично ги отфрлаше наводите дека авионот го соборила иранската Војска, но три дена по падот на авионот Генералштабот на Иран соопшти дека леталото по грешка е погодено од проектил со краток дострел.







