МОСКВА (АА) – Русија денес започнa со испорака на гас за Кина преку гасоводот „Моќта на Сибир“, исто така познат и како источна рута, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Рускиот претседател, Владимир Путин, и неговиот кинески колега, Си Ѓипинг, учествуваа на свеченото пуштање на гасоводот преку телеконференциска врска“, соопшти Кремљ.

Путин го нарече настанот историски, велејќи дека ќе помогне во соработката меѓу Русија и Кина на едно ново ниво.

„Оваа година се одбележува 70-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Русија и Кина. Оваа година ќе започнеме со испорака на гас од Русија во Кина“, изјави тој.

„Овој чекор ја доведува руско-кинеската стратешка соработка во енергетскиот сектор на квалитативно ново ниво, приближувајќи нè кон реализирање на задачата поставена заедно со кинескиот претседател, Си Ѓипинг, за обем на билатерална трговска размена до 200 милијарди долари до 2024 година.“

За возврат, Си истакна дека почетокот на работата на гасоводот означува нова фаза во билатералните осноси меѓу двете земји.

„Источната рута на руско-кинескиот гасовод е значаен проект во билатералната енергетска соработка, тој служи како модел на длабока интеграција на заемно корисна соработка меѓу нашите земји“, рече тој.

Триесетгодишниот купопродажен договор за руски гас за Кина беше потпишан во 2014 година од страна на руската корпорација „Гаспром“ и Националната нафтена корпорација на Кина (ЦНПЦ).

За таа цел, „Гаспром“ изгради гасовод од 2.200 километри наречен „Моќта на Сибир“.

Според првичните договори, Русија ќе ѝ испорачува на Кина 38 милијарди кубни метри гас годишно.