Сириската армија подготвува одговор на Турскиот напад

0
113

Сириската влада и курдските лидери на СДФ Сириските демократски сили преговарале во руската воздушна база во Сирија, изјави Ахмед Сулејман, претставник на курдската демократска напредна партија во Сирија, за Ројтерс.

Тој рече дека се надева оти договорот ќе ја запре турската офанзива и нејзините катастрофални и опасни последици.

Сулејман додал дека разговорите, што се воделе во базата Хмеим во Латакија, би можеле да продолжат во Дамаск.

Тој не изјави дали тој или неговата партија учествувале во преговорите.

Портпаролот на СДФ Мустафа Бали одби да ги коментира ваквите обвинувања.

„Од почетокот на турската инвазија, ние тврдевме дека ќе ги истражиме сите опции што би можеле да ги спасат нашите луѓе со етничко чистење“, рече Бали.

Макрон свика итен состанок

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва ќе одржи итен состанок на Кабинетот за одбрана, на кој ќе се разговара за турската офанзива во североисточна Сирија, соопшти канцеларијата на францускиот претседател.

Во телефонското интервју со Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган, Макрон ги предупредил двајцата претседатели дека турската офанзива во Сирија мора да запре затоа што може да предизвика сериозна хуманитарна криза и да ги заживее активностите на Исламска држава.

Меркел го повика Ердоган веднаш да престане со офанзивата

Германската канцеларка Ангела Меркел го повика денес Ердоган веднаш да ја прекине воената офанзива во северо-источна Сирија и го предупреди за можна нестабилност во регионот и заживување на Исламската држава.

Меркел повика во телефонски разговор со Ердоган веднаш да ја прекине воената интервенција против курдските сили во Сирија, соопшти канцеларијата на германската канцеларка.

Берлин и Париз во саботата објавија дека прекинуваат со испораката на оружје за Турција, особено она што може да се користи во офанзива во Сирија. Сепак, Ердаган истакна дека ембаргото за оружје на Турција нема да ја запре офанзивата.

„Од почетокот на операцијата, се соочивме со закана од економски санкции или ембарго за оружје. Не е во ред за оние што мислат дека тоа ќе нè присили да се откажеме “, рече Ердоган.

Американците размислуваат да го стопираат повлекувањето

Соединетите држави разгледуваат план за суспендирање на повлекувањето на американските воени трупи од северна Сирија, изјавија за „Ројтерс“ американските претставници.

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер порано изјави денеска дека американскиот претседател Доналд Трамп им наредил на сите американски трупи во северна Сирија да се повлечат на југ.

Во изјавата за американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес, Еспер рече дека конфликтот меѓу турските сили и курдските борци поддржани од САД стана „неодржлив“ за американските трупи.

Американскиот министер додаде дека добил директиви од Трамп да ги повлече американските трупи од северна Сирија на југ, но не му било наредено да ја напуштат сириската територија, пренесува Бета.

Еспер не го прецизираше бројот на американски трупи кои ќе ја напуштат северната Сирија, но додаде дека Курдите ќе се согласат со сириските сили и Русија за евентуален контра напад на турските и антитурските сили.